„Социјални иновации“ станува нов изборен предмет во гимназиите од следната година

Од учебната 2026/2027 година, гимназијалците ширум државата ќе добијат можност да го изучуваат новиот изборен предмет „Социјални иновации“, кој е создаден врз основа на искуството и методологијата на глобалната програма на УНИЦЕФ, UPSHIFT. Предметот нуди поинаков пристап кон образованието каде наместо пасивно меморирање лекции, учениците ќе добијат простор да детектираат реални проблеми во нивната заедница, да истражуваат, да тестираат и да креираат функционални решенија.
За да се овозможи квалитетна реализација на наставата, низ регионални циклуси веќе беа вклучени 90 средни училишта, известуваат од Здружението ЛЕАД. Наставниот кадар помина низ специјализирани обуки фокусирани на нивната нова улога како фасилитатори и ментори, чија главна задача ќе биде создавање безбеден простор за учениците слободно да носат одлуки и да создаваат социјални иновации. Искуствата на наставниците од пилот-фазата покажуваат дека за разлика од класичниот едукациски систем, овој метод поттикнува критичко размислување, креативност и отвореност.
Претходните фази од програмата резултираа со идеи и прототипи кои учениците ги претставија на саеми за социјални иновации, каде остварија соработки со факултети, компании и општини, а дел од иновациите прераснаа во конкретни промени во заедницата. Самите средношколци потврдуваат дека им недостига активен пристап на часовите, а спроведените анализи покажуваат дека дури 93,2 отсто од вклучените ученици изјавиле оти би го избрале овој предмет доколку им биде понуден во нивното училиште.
Програмата UPSHIFT во Северна Македонија се спроведува од 2019 година, а во 2025 година започна клучниот чекор за нејзино пилотирање и вметнување во формалното образование. Проектот го реализира Здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, а е поддржан од Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието и Владата на Шведска.
