Шанса за Центар апелира: Уште неколку дена за поднесување анкетни листови против Нацрт-ДУП Барутана на Водно

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ упати апел до граѓаните да се вклучат во јавната анкета и да поднесат анкетни листови против Нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт Ј 05 – Барутана. Рокот за поднесување на забелешките истекува на 14 септември, а од иницијативата предупредуваат дека планот претставува сериозна опасност за целиот град поради ризик од ново сечење на шумата на Водно и создавање ерозивно подрачје.
Граѓаните можат да го преземат празниот анкетен лист од веб-страницата на Општина Центар или преку линковите на „Шанса за Центар“. Поднесувањето може да се изврши на три начини: електронски како прикачен документ на системот „е-урбанизам“, лично на шалтерите во Општина Центар или во основното училиште „Кочо Рацин“, како и преку електронска пошта на адресите info@centar.gov.mk или kontakt@centar.gov.mk. Доколку се испраќа преку е-маил, во насловот на пораката задолжително треба да стои: „Анкетен лист за јавна анкета за Нацрт – ДУП Градска четврт Ј 05 – Барутана“, со цел документот да биде правилно пренасочен до Секторот за урбанизам.
За да им се олесни процесот на граѓаните, од „Шанса за Центар“ информираат дека веќе имаат изработено седум различни варијанти на анкетни листови кои содржат соодветна аргументација. Оние кои сакаат да ги искористат овие готови забелешки и да ги поднесат од свое име, можат да ги побараат преку порака или на електронската адреса shansazacentar@gmail.com.
„Стоп за уништувањето на Водно“, порачуваат од граѓанската иницијатива, потсетувајќи ги граѓаните дека според законската постапка, надлежните институции се должни да одговорат на секоја поднесена забелешка наведена во анкетните листови.

