
Одложувањето на градежните работи и почетокот на учебната година со онлајн настава за дел од учениците во скопското основно училиште „Киро Глигоров“ се најдоа во фокусот на денешната седница за пратенички прашања, каде пратеничката Сања Лукаревска и министерката за образование Весна Јаневска изнесоа различни хронологии и причини за настанатата ситуација.
Пратеничката од редовите на СДСМ побара одговори за тоа кој ќе понесе одговорност за, како што рече, хаосот со почетокот на наставата во едно од најбројните училишта. Според нејзината хронологија, договорот меѓу МОН и Општина Центар бил потпишан уште во февруари, но реконструкцијата започнала дури на 7 август. Таа го отвори прашањето за законската основа според која учениците следат настава од далечина во услови кога нема прогласено вонредна состојба. Дополнително, укажа дека најавата на министерката од 1 септември оти работите ќе завршат за две недели не е остварена, бидејќи според последните известувања до родителите, од 14 септември учениците од шесто до деветто одделение продолжуваат со онлајн настава.
Одговарајќи на прашањето, министерката Јаневска појасни дека доцнењето е резултат на бавните процедури во Општина Центар. Таа истакна дека Министерството навремено поднело барање за реализација на проектот за проширување на капацитетите, но општинската администрација го издала одобрението по повеќе од два месеци, на крајот на јули. Јаневска најави дека градежните работи ќе завршат за неколку дена, со што ќе се воведе поквалитетна едносменска настава. Притоа, таа забележа дека токму претходната власт го изградила училиштето без да ги предвиди потребните капацитети соодветно на растот на населението во општината, апелирајќи политичарите да ги тргнат рацете од образованието.
Во однос на другите образовни предизвици низ државата, Јаневска информираше дека преку процесот на оптимизација годинава се споени 430 паралелки бидејќи има вишок од 1.800 паралелки, но притоа ниту еден наставник не останал без работа. Таа потврди и дека е надминат проблемот во училиштето „Петар Здравковски – Пенко“ во Бутел, каде наставата непречено продолжува со четири паралелки на албански јазик за децата од Чаир кои веќе имаат брат или сестра во тоа училиште.

