Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение реагираше на критиките од опозицијата, истакнувајќи дека за разлика од претходната власт, актуелната Влада покажува целосна транспарентност и отчетност за трошоците поврзани со прославата на Денот на независноста.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ во минатото молчел за тоа каде завршиле парите од организацијата на настани како „НАТО фестот“, прославата за промената на името и самитот на ОБСЕ во Скопје. Според ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните јасно може да видат дека тие средства завршиле во „луксузните јахти на Заев и Филипче, висококатниците во Дубаи и скапите турбо-фолк забави со Харис“.
Во соопштението се додава дека трошоците за неодамнешната прослава за 35 години независност се транспарентно објавени и детално образложени на едночасовна владина прес-конференција, каде што може да се најдат сите одговори. Од владејачката партија заклучуваат дека опозицијата е против напредокот и развојот, нарекувајќи ја СДСМ „антимакедонска партија“ на која рејтингот секојдневно ѝ се топи.
СДСМ: Бинго од 5,5 милиони евра за прославата, власта да одговори каде завршија народните пари
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја обвини власта предводена од Христијан Мицкоски за проневера на 5,5 милиони евра народни пари наменети за прослава, кои според партијата се скриени зад криминални договори.
Ова го истакна на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според партијата, овие средства се огромни за македонските семејства, за земјоделците на кои им пропаѓа родот без откуп и за работниците кои чекаат повисока минимална плата. Цветаноска посочува дека власта сака овие милионски суми да ги сокрие и да ги прикаже како трошок од „нула денари“, додека парите се на граѓаните кои имаат право да ја знаат вистината и да ги видат документите.
