АРТВЕСТИ

Македонија почесен гостин на Саемот на книга во Абу Даби: Изложени ракописи постари од 600 години

Македонската култура, книжевност и традиција годинава се во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, каде што Македонија учествува како почесен гостин и партнер. На отворањето на оваа престижна манифестација во Обединетите Арапски Емирати присуствува делегација на Министерството за култура и туризам, предводена од државниот секретар Беса Ода Муртеза.

Во рамките на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, на националниот штанд е изложено богато културно наследство кое предизвикува големо внимание. Меѓу најзначајните експонати се оригинални ракописи постари од 600 години кои се дел од збирката „Ориенталистика“ на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје. Посетителите имаат можност да видат и вредни артефакти од Археолошкиот музеј, како и современа македонска литература и преводи од арапски на македонски јазик, со што се потврдува долгата традиција на културна размена меѓу македонскиот простор и арапскиот свет.

Државната секретарка Муртеза истакна дека учеството на вакви саеми отвора нови врати за домашните автори, издавачи и институции на меѓународниот пазар. „Ова е можност културата да ја користиме како мост меѓу луѓето и државите, но и како конкретна алатка за создавање нови партнерства, преводи и издавачки соработки. Сакам македонската култура да биде видлива, присутна и препознатлива на големите светски културни платформи“, порача Муртеза.

Како потврда за одличната соработка, организаторот на Меѓународниот саем во Абу Даби донесе одлука специјално изработениот национален штанд да ѝ го подари на Македонија. Штандот ќе остане во сопственост на Министерството за култура и туризам и во иднина ќе се користи за промоција на македонската култура на други саеми и настани ширум светот.

Back to top button