Tошковски и Мицкоски го пуштија во употреба системот „Безбеден град“ во Велес: Бројот на жртви во сообраќајот намален за 40 отсто

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски денеска го посетија модернизираниот команден центар на СВР Велес, со што официјално беше означен почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ на ова подрачје, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани простории кои претходно биле користени од Министерството за одбрана, по што останале вон употреба речиси две децении. Министерот Тошковски информираше дека за само ден и половина од активирањето на системот, на територијата на СВР Велес (вклучително и Кавадарци, Неготино и Демир Капија) се констатирани околу 150 прекршоци. Најголем дел од казните се за брзо возење, додека неколку се однесуваат на поминување на црвено светло, што според него претставува фрапантно подобрување на почитувањето на сообраќајните правила од страна на граѓаните.
Основната цел на „Безбеден град“ не е полнење на буџетот, туку промена на навиките и спасување човечки животи, нагласи Тошковски. Тој презентираше охрабрувачки статистички податоци, посочувајќи дека заклучно со август годинава има 61 жртва во сообраќајот, за разлика од 96 во истиот период лани, што претставува намалување за околу 40 проценти. Сепак, тој потсети на вчерашната тешка сообраќајна незгода на патот Миладиновци – Аеродром во која загинаа две лица, апелирајќи дека трагичните последици можат да се избегнат само со строго почитување на правилата.
На крајот, министерот изрази благодарност до граѓаните за совесното однесување, како и до медиумите и општествено одговорните организации, посебно издвојувајќи ја Фудбалската федерација на Македонија, за нивното активно вклучување во кампањата за подигнување на сообраќајната култура.


