
Министерството за јавна администрација работи на воспоставување поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати во јавниот сектор, преку кој ќе се надминат досегашните нееднаквости и различните практики меѓу институциите. За таа цел, денеска во Скопје започна петдневната TAIEX експертска мисија посветена на креирање единствен и усогласен систем за вреднување на работата на администрацијата, информираат од Министерството за јавна администрација.
Во соопштението се наведува дека на отворањето на мисијата, на која присуствуваа министерот за јавна администрација Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Грција, Христина Василату, беше истакнато дека експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го пренесат своето искуство од нивниот Единствен систем на исплата – модел кој овозможува централизирано управување со платите.
„Нашата цел е јасна, да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот ‘еднаква плата за еднаква работа’ да биде реално применлив во целиот јавен сектор“, порача министерот Минчев. Тој информираше дека новата законска рамка за системот на плати треба да биде заокружена до крајот на 2026 година, додека нејзиното постепено и систематско спроведување треба да започне во 2027 година.
Минчев нагласи дека намерата не е само да се ископира туѓ модел, туку тој да се анализира и врз основа на домашните институционални и финансиски услови да се изгради решение кое ќе биде функционално за Северна Македонија. Според него, новиот систем нема само да ги поедностави процесите, туку ќе донесе и поголема транспарентност и подобра контрола врз јавните средства.
