АРТВЕСТИ

„Македонски оскаровци“ ја заокружија првата дестинација на патувачкиот филмски фестивал во Хрватска

Во Сплит вчера се одржа третиот фестивалски ден во рамките на второто издание на единствениот патувачки Фестивал на македонскиот филм во Хрватска, со што преку програмата „Македонски оскаровци“ беше заокружена првата фестивалска дестинација во оваа земја, објавија од Кинотеката.

Претпладнето, во просториите на Македонското културно друштво „Македонија“ во Сплит, како дел од манифестацијата „XXI Денови на македонскиот филм“, се одржа трибината насловена „Дијалог на кадри – улогата на Кинотеката на Македонија во заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија“. На присутните им се обратија претседателката на друштвото Марта Жаја и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, кои ја потенцираа важноста на оваа соработка за продлабочување на хрватско-македонските културни врски.

За улогата на Кинотеката како единствена институција која прибира, штити, чува и презентира филмско наследство зборуваше нејзиниот директор Бошко Грујоски. Дополнително, Дамјана Патчева и Тихомир Кашмицовски низ своите излагања ги образложија предизвиците што ги носи дигитализацијата, како и значењето на заштитата и реставрацијата на филмското наследство.

Back to top button