
Издавачката куќа „Или-Или“ ја најави промоцијата на книгата „Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од авторката Ана Пејчинова. Настанот ќе се одржи в четврток, на 17 септември, со почеток во 20:00 часот во просториите на „Лабораториум“. Низ разговор со авторката, делото пред јавноста ќе го претстават промоторите Наташа Атанасова и Александар Маџаровски.
Книгата претставува лично и непосредно сведоштво за животот во Авганистан во периодот од првите години по падот на талибанскиот режим, па сè до распадот на авганската влада во 2021 година. Според издавачот, „Пустинско срце“ не се фокусира само на големите политички и воени случувања, туку го доловува секојдневието, стравот, хуморот, гостопримството и човечките судбини во сенката на војната. Оваа книга се истакнува како ретко и значајно сведоштво на една Македонка која директно ги живеела и набљудувала овие светски историски настани.
Ана Пејчинова (родена во Скопје, 1973 година) зад себе има богато меѓународно и професионално портфолио со искуство во повеќе од триесетина земји на пет континенти. По дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје, докторирала во Прага и магистрирала во Будимпешта. Околу две децении работела во рамките на Обединетите нации и УСАИД како менаџер и советник за стратешки комуникации во кризни и воени региони, вклучувајќи ги Авганистан, Ирак, Пакистан, Египет и Конго.
