ВЕСТИСПОРТ

Дуња Иванова е првата Македонка на највисока тренерска едукација на Светската велосипедска федерација

Како прв кандидат од Македонија поканет од Светската велосипедска федерација (УЦИ), Дуња Иванова до крајот на месецот престојува во Светскиот велосипедски центар (World Cycling Centre) во Егл, Швајцарија, каде го комплетира највисокото ниво на меѓународна тренерска едукација – UCI Level 3 Coaching Course, соопштија од Велосипедската федерација на Македонија.

​Според информациите од Федерацијата, на овој престижен курс учествуваат само 12 тренерки од сите континенти. Програмата претставува исклучително селективна меѓународна платформа наменета за усовршување на тренерски кадар со напредно знаење, со посебен фокус на спортските перформанси и долгорочниот развој на спортистите.

​Во рамките на активностите, Иванова го посетила Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во Лозана, заедно со координаторката за едукација на УЦИ, Теута Шеху, и програмската менаџерка од ИОК, Силвија Лучарини. При посетата тие се запознале со можностите за поддршка на спортистите и тренерите, како и со опциите за развој на кариера по завршувањето на активното натпреварување.

​Стекнатите знаења и воспоставените контакти претставуваат значаен ресурс за понатамошен развој на македонскиот велосипедизам и за обезбедување подобра поддршка на нашите спортисти, заклучуваат од Велосипедската федерација.

Ј. Ѓ.

Back to top button