
– Македонското правосудство се претвори во бастион на СДС и ДУИ и со сите преостанати сили се стави во служба на одбрана на нивните криминалци, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека остатоците на СДСМ и ДУИ во правосудните органи, за да ги спасат од кривична одговорност Венко Филипче, Зоран Заев и таквите како нив, укинуваат пресуди, стопираат истраги и враќаат предмети на повторување на постапки.
Како клучни примери за ваквото постапување, партијата ги посочува укинувањето на пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци со 16 жртви, затворањето на истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово за кој нема обвинение за поранешниот министер Филипче, како и запрената истрага за случајот „Мазут“, тежок 167 милиони евра.
Според ВМРО-ДПМНЕ, овие случаи не се случајност, туку резултат на мрежата која со години ја создавале претходните владејачки партии. Како правосудни инсталации кои грчевито ги штитат поранешните државни функционери, партијата ги посочува Ислам Абази, Вилма Русковска, Добрила Кацарска и Африм Фидани.
Поради ваквото развлекување на предметите и паѓањето на пресудите, довербата на граѓаните во правосудството изнесува само 2 отсто, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата порачуваат дека времето на недопирливите мора да заврши и дека ќе следи одговорност за секој според делото.
