ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: ВМРО на која се повикува Мицкоски соработувала со фашисти, а денес е алатка на туѓи интереси

„Мицкоски ја слави ВМРО како мајка на независноста. Историјата памти другo ВМРО: со Мусолини, Павелиќ и куршум во Марсеј“, соопштуваат од опозициската СДСМ во нивната најнова реакција. Оттаму додаваат дека независноста прогласена на 8 септември 1991 година е акт на граѓаните, а не на партијата на премиерот, чие име, како што велат, почнува со терор и туѓа униформа.

Од СДСМ посочуваат дека Ванчо Михајлов, последниот водач на автономистичката ВМРО, независна Македонија барал во заедница со фашистичките режими во Рим, Берлин и Загреб, а не со народот. СДСМ потсетува на договорот со Анте Павелиќ во 1929 година и заедничката операција со усташите во 1934 година во Марсеј кога е извршен атентат врз кралот Александар, како и на фактот дека Михајлов до крајот на животот се декларирал како Бугарин.

Според СДСМ, денешната ВМРО-ДПМНЕ не е истата организација од 1929 година, но го презела името и го храни култот кон организација што се градела со атентати, а не со гласачка кутија. Партијата го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека ја фалсификува историјата кога вели дека уште во СФРЈ партијата зборувала за независна Македонија.

На крајот, од СДСМ обвинуваат дека Мицкоски денес работи исто како своите претходници, но дека сега е во служба на „шефот на балканскиот картел во Белград“. Според нив, преку соработката со српскиот претседател Александар Вучиќ се реализираат интересите на Русија и Кина, а против Европа и стратешките партнери од САД. „Независноста не се брани со венци на Денот на демократијата. Таа е предадена кога Скопје клечи пред Белград, а Белград клечи пред Москва и Пекинг“, заклучуваат од СДСМ.

Back to top button