ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски во посета на САД: Ќе го нудиме „Криволак“ на странската воена индустрија за економски раст

„Во фаза сме на изработка, со Министерството за одбрана, на нов закон со кој ќе го понудиме нашиот тренинг-полигон ‘Криволак’, затоа што чувствуваме дека на тој начин можеме да имаме уште побрз и уште подинамичен раст на економијата“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најавувајќи ја својата политичко-економска посета на Соединетите Американски Држави за време на гостувањето во Централниот дневник на МРТ.

Според соопштението од Владата, премиерот информирал дека посетата започнува во Вашингтон каде се планирани средби на највисоко ниво во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот. Посебен фокус ќе биде ставен на американската финансиска институција ДФЦ, која веќе е присутна преку инвестицијата за антимон во проектот „Пела“ (Крстов Дол). Мицкоски најави дека на овие средби ќе се нудат македонските капацитети со цел привлекување нови инвестиции во енергетиката, напредната технологија и воената индустрија.

По Вашингтон, владината делегација се сели во Њујорк каде Мицкоски ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН). Премиерот очекува склучување на нови договори кои се важни за иднината на државата, а на маргините на Собранието ќе оствари билатерални средби со државници од соседството и од земјите од Заливот. Во агендата се вклучени и средби со влијателни тинк-тенк организации, како и присуство на приемот организиран од страна на претседателот на САД.

Back to top button