
„Скандалозната изјава на министерот за правда нанесе сериозна штета врз историската вистина и албанската кауза“, соопштуваат од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Оттаму додаваат дека изедначувањето на жртвите на режимот на Слободан Милошевиќ со агресорите директно ја засега жртвата на цел еден народ и неговата борба за слобода.
Според ДУИ, подоцнежните соопштенија на коалицијата ВРЕДИ не можат да го прикријат ваквиот став. Од партијата нагласуваат дека кога одредена политичка мисла толку јасно ќе се манифестира преку изјавите на нејзините највисоки функционери, дополнителните формулации не можат да го поништат веќе кажаното.
„Ова е идеологијата на ВРЕДИ. Денес таа јавно беше изразена од нивниот министер за правда“, потенцираат од ДУИ во својата реакција, оценувајќи дека нанесената штета врз албанската кауза е невидена и дека за овој чин мора да следува јасна политичка одговорност.
