ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ предупредува на дупка од една милијарда евра во ПИОМ, ВМРО-ДПМНЕ велат има раст на пензиите од 7.000 денари

Со обвинувања дека премиерот Христијан Мицкоски и власта го довеле Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во ризик, опозициската СДСМ излезе со тврдење за историски дефицит. „Дупката во Пензискиот фонд ја зголемија на историски 1 милијарда евра. Тоа се над 14 отсто од целиот државен буџет“, се наведува во партиското соопштение. Оттаму додаваат дека иако од 1 јули придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процентен поен преку пренасочување средства од Агенцијата за вработување, дефицитот продолжува да расте, правејќи го фондот неодржлив и сè позависен од буџетски трансфери.

Опозицијата тврди дека власта нема план, проекција ниту решение, туку дека за само две години ја задолжила државата со четири милијарди евра нов долг за криминални партиски тендери, луксуз и нов авион. Од СДСМ реагираат дека само за една прослава биле потрошени 5,5 милиони евра, додека за сигурноста на пензионерите се одвоени „нула денари и нула мерки“. Партијата изразува загриженост и за вториот пензиски столб, посочувајќи дека најавите кои се движат од национализација до „реконструкција“ се без гаранции за парите на осигурениците кои може да останат без својата заштеда. „Пензиите не се милостина од Мицкоски, пензиите се стекнато право“, порачуваат од партијата.

На овие тврдења возвратија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи ѝ на опозицијата да престане да шири паника и страв, туку да ги погледне фактите кои покажуваат дека пензискиот фонд е стабилен. Според партијата, за помалку од две години пензиите се зголемени за околу 7.000 денари, што е значително повеќе од зголемувањето од 540 денари во првите две години од мандатот на СДСМ, односно од јуни 2017 до јуни 2019 година во времето на Заев и Филипче. ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека во време на СДСМ над 200 илјади пензионери живееле со мизерни пензии под 14 илјади денари, а годишните зголемувања изнесувале околу 180 денари.

Владејачката партија појаснува дека пензискиот систем не функционира така што пензиите зависат само од тековните придонеси, туку како и во голем број европски држави, државниот буџет обезбедува средства за исплата кога тоа е потребно. Од партијата заклучуваат дека исплатата е редовна и дека пензионерите денес имаат конкретни и мерливи резултати. Тие го повикаа СДСМ да се соочи со фактите и да ги праша пензионерите како живеат денес, а како живееле во седумте години владеење на СДСМ и ДУИ, потенцирајќи дека граѓаните заслужуваат достоинствен живот наместо политички игри.

Back to top button