ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

[ВИДЕО] Пронајдена и казнета скопјанката која дрско фрлаше ѓубре од „порше“ во реката Лепенец

Министерството за внатрешни работи ја откри и санкционираше 38-годишната скопјанка која деновиве беше снимена како фрла отпад во реката Лепенец од автомобил марка „порше“. Видеото од овој настан претходно масовно се споделуваше и предизвика лавина негативни реакции на социјалните мрежи поради еколошката негрижа.

Според информациите од полицијата, денеска во претпладневните часови, лицето М.И.Б. од Скопје било повикано на службен разговор во Полициската станица Карпош. Нејзиниот идентитет бил утврден откако во јавноста се појавија снимки на кои јасно се гледа како на улицата „Скупи“, во близина на мостот на Лепенец, таа отвора врата од луксузниот автомобил и фрла ѓубре директно во речното корито.

По целосното документирање на случајот, на скопјанката ѝ е врачен платен налог согласно Законот за јавна чистота поради фрлање амбалажа надвор од местата кои се определени за таа намена. Дополнително, таа заработи и санкција по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи за време на прекршокот нејзиното возило било непрописно паркирано на коловозната лента.

Back to top button