Мрежа за заштита од дискриминација: Измените во Законот за лобирање создаваат правна несигурност за граѓанскиот сектор

Иако целосно ја поддржува потребата лобирањето во Северна Македонија да биде транспарентно и јасно регулирано, Мрежата за заштита од дискриминација предупредува дека предложените измени на Законот за лобирање отвораат сериозни прашања за положбата на здруженијата и фондациите. Според Мрежата, овие измени можат да создадат дополнителна правна комплексност наместо поголема сигурност за граѓанскиот сектор, а особено проблематично е воведувањето на дефиницијата за „јавен интерес“ како основа за разграничување на застапувањето од лобирањето. Иако опфаќа значајни области, предложената дефиниција не ги покрива сите теми во кои граѓанските организации имаат легитимен интерес да дејствуваат, со што се отвора прашањето дали нивното застапување ќе се смета за лобирање и дали ќе мораат да се регистрираат како лобисти.
Ваквата ситуација директно се коси со Законот за здруженија и фондации, кој веќе го регулира правото на организациите слободно да промовираат ставови, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во креирањето политики. Од Мрежата потенцираат дека паралелното регулирање на истите активности преку Законот за лобирање создава реален ризик од различно толкување и колизија меѓу двата закона. Оваа нејаснотија, додаваат оттаму, може директно да влијае врз подготвеноста на граѓанските организации да учествуваат во креирањето јавни политики, бидејќи за секоја средба или иницијатива ќе мораат да проценуваат дали нивната активност може да биде квалификувана како лобирање, што ќе создаде административни пречки и одвраќачки ефект.
Како наједноставно и правно најсигурно решение, Мрежата за заштита од дискриминација бара во Законот за лобирање да се внесе посебна одредба со која недвосмислено ќе се утврди дека неговите одредби не се применуваат на здруженијата и фондациите кога тие дејствуваат во рамките на своите цели. За таа цел, тие предлагаат додавање на конкретен член кој гласи: „Одредбите од овој закон не се применуваат на здруженијата и фондациите основани и регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, кога тие, во рамките на своите статутарни цели и активности, искажуваат и промовираат ставови и мислења, поведуваат иницијативи, застапуваат интереси и права, учествуваат во јавниот дискурс, јавни консултации и во процесите на креирање, донесување, изменување, спроведување и евалуација на јавни политики и прописи.“
Од организацијата заклучуваат дека со ваквата одредба нема да се намали транспарентноста, туку напротив, ќе се направи неопходното разграничување меѓу професионалното лобирање за конкретен интерес и граѓанското застапување кое е основна функција на невладиниот сектор. Транспарентноста не смее да се постигнува преку создавање правна несигурност, а здруженијата треба однапред да знаат дека нивното законско право да застапуваат општествени промени не може да биде третирано како нерегистрирано лобирање, порачуваат од Мрежата.
