
Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – УКИМ зеде активно учество на меѓународната конференција „ISFNR Interim Conference 2026: Nature(s) in Narrative“, која од 13 до 16 јуни се одржа во Рејкјавик, Исланд. На овој престижен настан, во организација на Меѓународното здружение за истражување на фолклорните наративи (ISFNR), присуствуваа околу 550 истражувачи од 46 земји од светот, а македонскиот институт го претставуваа Кристина Димовска, Јана Манева-Чуповска и Лидија Стојановиќ.
Посебно значаен момент за македонската делегација се случи за време на годишниот состанок на здружението, каде Лидија Стојановиќ го претстави Институтот за фолклор како институција домаќин на идната ISFNR конференција. Со оваа одлука, Скопје во 2030 година ќе биде центарот на светските истражувачи на фолклорот, што дополнително ја зајакнува меѓународната академска соработка на институтот во областа на фолклорот, наративната традиција и енвироменталната хуманистика.
Во рамките на работната програма, Стојановиќ го претстави својот труд посветен на еколошката свест преку традиционалното и современото раскажување, отворајќи прашања за улогата на наративите во обликувањето на односот меѓу човекот, културата и природата. Истовремено, заедно со Горан Ѓурѓевиќ од Хрватска, таа претседаваше со панелот посветен на природата во материјалните и дигиталните наративи, како и со средбата на работната група за еколошки и енвироментални наративи.
