Судењето за „Пулс“ почна одново, сведок: Полицаец одби да помогне на повреден

Судењето против 13 полициски службеници обвинети во врска со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска почна одново поради промена на составот на судечкиот совет, а на рочиштето беа сослушани тројца сведоци предложени од Обвинителството.
Промената на советот се случила откако еден од поротниците информирал дека поради здравствени причини повеќе од еден месец нема да може да учествува во судењата, додека вториот најавил дека поради други ангажмани повеќе нема да биде поротник. Поради тоа, процесот морал да започне одново.
Со предметот претседава судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Спасенка Андонова. Тринаесетмината обвинети повторно се изјаснија дека не се виновни и останаа на претходно дадените изјави.
Потоа продолжи доказната постапка со сослушување сведоци.
Еден од најзначајните искази го даде студентот Николче Ефремов од Кочани, кој бил во „Пулс“ во ноќта на 16 март 2025 година. Тој опиша како се обидел да избега од објектот откако избувнал пожарот, при што, според неговото сведочење, му паднал ѕид врз главата, а потоа бил извлечен од толпата.
Ефремов раскажа дека откако излегол надвор го однел повредениот другар Филип во болница, а потоа се вратил кон дискотеката за да помогне во спасувањето на други лица.
„Јас и мојот другар Бојан влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид Костов. Надвор пробавме да го качиме во кола. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме во кола. Тој ми кажа дека тоа не е негова работа“, сведочеше Ефремов.
Сведокот не можеше да каже кој бил полицаецот, ниту да го препознае во судницата. Тој наведе дека не се сеќава дали бил во униформа, но мисли дека станувало збор за полицаец во цивилна облека. Според неговиот исказ, во близина на „Пулс“ имало повеќе полициски службеници.
Одбраната реагираше на овој дел од сведочењето, оценувајќи го исказот како конфузен. Еден од адвокатите изјави дека сведокот можеби има „селективна меморија“ или дека бил инструиран да го кажува она што му оди во прилог на обвинителството.
Сведочеше и средношколка која била во „Пулс“ со своето друштво. Таа пред судот кажа дека пред пожарот забележала полициски службеник во ходникот, а подоцна, кога избувнал пожарот, настанала паника и метеж на излезот.
Според нејзиниот исказ, во моментот кога почнал пожарот дел од присутните сè уште не сфатиле колку е сериозна ситуацијата. Кога таа и друштвото тргнале кон излезот, слушнала луѓе како бараат да се отвори вратата. Сведочеше дека била заглавена меѓу други лица и на крајот била извлечена од пожарникар.
Третиот сведок, исто така преживеан од пожарот, раскажа дека откако излегол од дискотеката го барал својот татко и викал, при што, според неговиот исказ, униформирано лице му рекло дека ќе биде приведен ако продолжи да вика.
На денешното рочиште присуствувале и родители на младите кои ги загубија животите во пожарот. Тие по паузата реагирале на сведочењето за наводното одбивање на полициски службеник да помогне при пренесување на повредено лице.
Од одбраната, пак, беше посочено дека на обвинетите не им се става на товар тоа дали им помагале на луѓето по избувнувањето на пожарот, туку дека предмет на обвинението се конкретни службени дејствија и пропусти пред и за време на трагичниот настан.
Обвинителството ги товари 13-те полициски службеници за тешки дела против општата сигурност поврзани со постапувањето во „Пулс“. Според обвинението, тие биле дежурни и ангажирани во објектот, но не ја прекинале забавата и не спречиле користење пиротехнички средства.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата „ДНК“. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Денешното рочиште продолжи со изведување на доказите и сослушување сведоци на Обвинителството.
