ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

„Лидл“ започна со изградба на вториот маркет во Битола

Со свечено поставување на камен-темелник, компанијата „Лидл“ официјално го означи почетокот на изградбата на својот втор продажен објект во Битола. Додека првиот маркет во градот е веќе во финална фаза на изградба, со овој нов проект Битола станува една од клучните локации каде што познатиот бренд ќе понуди модерно шопинг искуство преку повеќе продажни места. Оваа инвестиција претставува важен чекор во реализацијата на стратегијата на „Лидл“ за развој на сопствена продажна мрежа во државата.

​Директорката за недвижности во „Лидл“ Северна Македонија, Катарина Зориќ, истакна дека компанијата инвестира во изградба на сопствени објекти од самите темели, применувајќи строги стандарди за квалитет и внимателно планирање на секој сегмент. „Нашата цел е да создадеме широка и функционална мрежа на маркети, со највисоко ниво на квалитет, енергетска ефикасност и одржливост, како и решенија што нудат пријатна средина за потрошувачите“, потенцираше Зориќ.

​Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека вториот маркет на „Лидл“ е значајна инвестиција која ќе донесе огромни придобивки за локалната економија и ќе придонесе за отворање нови работни места. Тој изрази задоволство што компанијата препознава потенцијал во градот, додавајќи дека оваа инвестиција ќе обезбеди квалитетна понуда за граѓаните, но и ќе отвори можности за партнерства со домашни компании.

​Според соопштението од Општина Битола, новиот маркет ќе биде изграден по највисоки стандарди за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на простор од 5.288 квадратни метри. Објектот ќе располага со современо уредена продажна сала од 1.546 квадратни метри и 108 паркинг места за клиентите, додека повеќе од 20 отсто од парцелата е предвидена исклучиво за хортикултурно уредување и зеленило.

Back to top button