„Спас за Валандово“ алармира: Рудникот Казандол се враќа преку новиот Просторен план, граѓаните повикани на јавна расправа

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ предупредува дека рудникот Казандол повторно се актуелизира, овој пат преку Нацрт-просторниот план на државата до 2040 година. Откако во 2018 година концесијата беше раскината по масовни протести, а државата подоцна го доби и арбитражниот спор вреден 115 милиони евра избегнувајќи исплата на отштета, активистите алармираат дека Казандол сега е наведен меѓу рудниците предвидени за отворање во следните децении.
Револтирани од ваквиот потег, од граѓанската иницијатива порачуваат дека она што еднаш го спречиле со единство и истрајност, нема да дозволат да се врати тивко преку една реченица во документ и еден знак на карта. Тие нагласуваат дека ова не е прашање на една партија или општина, туку борба за здравјето, водата и почвата на целиот југоисточен регион, кој веќе еднаш извојува заедничка победа против отворањето на рудникот.
Поради овие случувања, „Спас за Валандово“ ги повикува сите граѓани од валандовскиот крај и од целиот југоисток масовно да присуствуваат на јавната расправа која ќе се одржи во четврток, на 24 септември, со почеток во 12:00 часот во Домот на АРМ во Струмица. Активистите повикуваат на масовност за да се побара итно бришење на Казандол од Просторниот план и да се испрати јасна порака дека граѓаните нема да дозволат одлуките за нивниот животен простор да се носат зад затворени врати.
