ВЕСТИВИСВЕТ
Во тренд

Лидерите на вештачката интелигенција пред Советот за безбедност на ОН: Технологијата може да излезе од човечка контрола и да предизвика војна

Челниците на водечките технолошки компании OpenAI, Anthropic и Hugging Face денеска ќе одржат брифинг пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), среде сè погласните предупредувања дека брзиот развој на вештачката интелигенција (ВИ) наскоро би можел да доведе до системи што сами се усовршуваат, излегуваат од човечка контрола и директно ја загрозуваат меѓународната безбедност.

​Пред 15-члениот совет ќе се обратат извршниот директор на OpenAI Сем Алтман, првиот човек на Anthropic Дарио Амодеи, коосновачот на Hugging Face Клемент Деланг, како и канадскиот научник Јошуа Бенџо, кој важи за еден од „пионерите на ВИ“ и копретседател на Независниот меѓународен научен панел на ОН. Со состанокот ќе претседава францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро.

​Според европски дипломат кој зборуваше под услов на анонимност, главната цел на состанокот е да се осветлат практичните опасности од губење контрола врз технологијата во воено-политички контекст.

​„Ова се прашања што спаѓаат директно во мандатот на Советот за безбедност. Клучното прашање е дали еден ден би можеле да се соочиме со ситуација каде што алгоритмите што комуницираат еден со друг ќе активираат војна. Тоа е вистинската суштина на проблемот“, посочи дипломатот.

​Алтман планира да побара од светските лидери воспоставување меѓународни стандарди за мерење на можностите на ВИ и за проценка на заштитните механизми што компаниите ги вградуваат за време на развојот. Во пресрет на најавената средба во Вашингтон меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг, двете светски сили веќе разговарале за воспоставување систем за меѓусебно известување за инциденти поврзани со ВИ кои би можеле да прераснат во закана за националната безбедност.

​Трамп против глобална контрола: „Ќе ја поттикнуваме, не ја зауздуваме“

​Овие итни предупредувања доаѓаат во остар контраст со ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН отворено ги отфрли обидите за воведување глобални регулативи врз технологијата.

​„Го отфрлам секој обид за градење глобалистички план за контрола врз ВИ. Ние водиме пред Кина со голема разлика, како и пред сите останати, и ќе останеме на таа позиција. Немам намера да го гушам растот на нешто што ќе биде поголемо од Индустриската револуција. Ќе ја поттикнуваме, а не да ја зауздуваме. Внимателно ќе ја следиме преку Министерството за правда“, порача Трамп.

​Спротивно на американскиот претседател, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш континуирано инсистира на глобално управување со технологијата, предупредувајќи дека ризиците од нејзиниот забрзан напредок повеќе не можат да се игнорираат. Советот за безбедност за првпат дебатираше за опасностите од ВИ во 2023 година, кога Кина апелираше технологијата да не се претвори во „бесен коњ надвор од контрола“, додека САД предупредија на опасностите од нејзина злоупотреба за цензура и репресија врз граѓаните.

Back to top button