АРТВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Зошто Даут-пашин амам сè уште е под клуч

Директорот на Националната галерија е разрешен, но Даут-пашиниот амам останува под клуч поради бирократски кочници

Комисијата за култура на СДСМ реагира дека и покрај неодамнешното разрешување на директорот на Националната галерија, суштинскиот проблем останува нерешен и Даут-пашиниот амам со месеци е недостапен за јавноста и за љубителите на уметноста. Според опозициската партија, оваа недозволива состојба се случува во клучен период кога Скопје треба да ја гради својата визија како идна Европска престолнина на културата во 2028 година.

Како главни виновници за ваквиот застој, СДСМ ги посочува Александар Јордановски, директор на Националниот конзерваторски центар, и Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство. Партијата обвинува дека раководителите на овие клучни институции со месеци го оддолжуваат издавањето на потребните дозволи и одобренија, демонстрирајќи административна пасивност и институционален задоцнет одговор наместо професионализам пред европската јавност.

Од Комисијата за култура апелираат до надлежните итно да ги преземат потребните чекори за надминување на проблемот, потенцирајќи дека грижата за културното богатство подразбира континуитет и висока свест. Затворањето на вакви капитални објекти кои се духовен белег на Скопје, сметаат од СДСМ, претставува директен удар врз културниот идентитет и реномето на градот.

Back to top button