
Внатрепартиските превирања во опозициската СДСМ кулминираа со директен судир меѓу иницијативата предводена од поранешни партиски функционери и актуелното раководство на Бихаќка. Претставниците на платформата „12.05 Разговори за иднината“ најавија план за повлекување на претседателот Венко Филипче, додека од партиското седиште експресно ги обвинија дека дејствуваат како дефокус во корист на премиерот Христијан Мицкоски и ги нарекоа „ЗНАМ 2.0“.
На брифинг со новинарите, истакнатите членови на Платформата — Игор Ивановски-Шема, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Славјанка Петровска, Никола Ќуркчиев и Гордан Георгиев — соопштија дека лично ќе му го претстават на Филипче планот за негово повлекување од челната позиција. Тие порачаа дека целта е реформа на СДСМ и формирање широк опозициски фронт за уривање на власта, децидно отфрлајќи можност за формирање нова политичка партија или независни листи.
Според нив, актуелното раководство не претставува вистинска опозиција, туку штит на власта.
— Ако СДСМ не се промени, ќе исчезне од политичката сцена. Ваква СДСМ претставува штит на оваа власт. Го трошиме времето на СДСМ, а го купуваме тоа на Христијан Мицкоски — изјави пратеничката Славјанка Петровска, додавајќи дека се залага за ветинг на сите функционери од претходните влади на Заев и Ковачевски.
Емилијан Станковиќ и Андреј Петров оценија дека Филипче нема капацитет да ја консолидира партијата и дека без промени СДСМ оди кон пораз на следните избори. Истовремено, Никола Ќуркчиев најави тужба за клевета и кривична пријава против Филипче за наводите дека фирма поврзана со него добила тендер од ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека во јавноста е презентиран фалсификуван документ.
Од Центарот за комуникации на СДСМ веднаш реагираа со соопштение, квалификувајќи го настапот на групата како „дефокус“ организиран во корист на власта токму во моменти кога, како што велат, опозицијата отвора афери за концесии за рудници и лобирања.
— Повторно дефокус. Платформата ЗНАМ 2.0 работи во корист на Мицкоски. Прашањето е едноставно: кому му одговара дефокус и пренасочување на вниманието на граѓаните од криминалот на Мицкоски и неговата организирана криминална група? Само на арамијата Мицкоски. Не случајно се платени преку тендери вредни 1,6 милиони евра — наведоа од СДСМ.
Од Бихаќка порачуваат дека раководството и претседателот Филипче се секојдневно на терен и дека обидот за нивно уривање нема да успее, оценувајќи дека иницијативата е само обид за спасување на рејтингот на владејачката партија.
