
Компанијата за наменско производство „АТС Груп“ (ATS Group) остро ги отфрли политичките конструкции во кои нејзиното име се користи како аргумент во меѓупартиските пресметки помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, поврзани со лобирањето во Соединетите Американски Држави.
Реакцијата следи откако опозицијата обвини дека компанијата ги плаќа лобистите на премиерот Христијан Мицкоски во Америка, на што владејачката партија возврати дека се работи за приватен договор на фирма која во минатото била силно поддржувана токму од раководството на СДСМ.
Во официјалното соопштение, „АТС Груп“ нагласува дека е приватна компанија од одбранбената индустрија со над 500 вработени и јасно дефинирани деловни интереси, а не политички субјект. Раководството порачува дека нема да прифати нивните инвестиции и деловни активности да бидат злоупотребувани за теснопартиски цели.
Легитимна меѓународна практика, а не владина агенда
Во однос на изнесените наводи за договорот со лобистичката куќа во САД, компанијата појаснува дека ангажирањето меѓународни професионални агенции за правни, комуникациски и стратешки консултантски услуги е вообичаена деловна практика за субјекти со меѓународни амбиции.
„Овие активности се реализираат согласно законите во државите во кои се спроведуваат и се дел од стратегијата за развој и проширување на меѓународното присуство, вклучително и во САД. За активностите за кои постои законска обврска за транспарентност, информациите се достапни преку официјалните регистри во САД. Немаме што да криеме, но нема да прифатиме нашите легитимни деловни активности да се претставуваат како активности на Владата или преземени во име на државата“, стои во соопштението.
Апел за институционален однос и базирање на факти
Компанијата посочува дека самостојно ги носи и финансира своите одлуки и одбива да биде вовлечена во расправи за тоа која влада во минатото дала или не дала поддршка на нејзиното работење. Фактот што различни државни функционери низ годините го препознавале значењето на македонската одбранбена индустрија, според „АТС Груп“, не треба да биде политички аргумент ниту во корист, ниту на штета на која било партија.
Од компанијата, која соработува со партнери од САД и ЕУ, очекуваат институционален однос од сите политички субјекти и почитување на фактите, особено бидејќи работат во стратешки чувствителна индустрија каде јавната дебата не смее да се темели на инсинуации. Доколку постојат сомнежи за постапувањето на државните институции, тие треба да бидат упатени до нив, додека компанијата останува отворена транспарентно да одговори на сите конкретни прашања поврзани исклучиво со нејзиното деловно работење.
