ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИНСВЕТТРЕНД
Во тренд

Сузан Сарандон и Хана Ајнбиндер меѓу над 100 приведени на протест против Нетанјаху пред ОН

Оскаровката Сузан Сарандон и ѕвездата од серијата „Хакс“ (Hacks), Хана Ајнбиндер, се меѓу десетиците демонстранти кои беа приведени во Њујорк за време на протестот против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на неговата посета на Обединетите нации.

​Њујоршката полиција (NYPD) соопшти дека привела вкупно 103 лица додека се обидувала да расчисти седечки протест организиран на Првата авенија, на само неколку блока од седиштето на ОН, непосредно пред обраќањето на Нетанјаху пред Генералното собрание. Видеоснимките од местото на настанот покажуваат како полициски службеници им ги врзуваат рацете со пластични лисици на Сарандон и Ајнбиндер и ги спроведуваат кон полициски автобус.

​Демонстрантите носеа маици со натписи „Финансирајте луѓе, а не бомби“ и транспаренти со пораки „Престанете да го вооружувате Израел“ и „Прекинете го геноцидот“. Според организацијата за човекови права „Еврејски глас за мир“ (Jewish Voice for Peace), која го организираше протестот, меѓу приведените се и комичарот Кејлеб Хирон, авторката Гленон Дојл, кандидатката за Конгресот Даријализа Авила Шевалије и поранешната разузнавачка аналитичарка Челси Менинг. На протестот беа забележани и други познати личности, меѓу кои актерката Синтија Никсон, драматургот Тони Кушнер и фотографката Нан Голдин.

​Протестот се одржа во мирна атмосфера, но го блокираше сообраќајот, по што полицијата по неколку предупредувања започна со приведувањата. Во меѓувреме, говорот на Нетанјаху во Генералното собрание на ОН предизвика поделени реакции, при што голем број дипломати демонстративно ја напуштија салата. По неговото обраќање, стотици граѓани маршираа низ улиците на Њујорк со извици „Слободна Палестина“ и пораки против израелските воени дејствија во Газа и јужен Либан.

Back to top button