
Британската полиција уапси петмина мажи под сомнение за тероризам и поседување експлозиви во близина на воената база Фарфорд, која американските сили ја користат за напади врз Иран. Апсењата уследија по дојава за три сомнителни комбиња кои се движеле кон воениот аеродром во раните утрински часови во неделата.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека осомничените планирале да направат „огромна штета“ и дека веќе подолго време биле под истрага од британските и американските власти.
„Апсењето во Велика Британија беше фантастично, одлично завршена работа. Ги имавме под истрага, планираа да направат голема штета на нашата база, но соработката со Британците испадна одлично. Ги следевме долго време и ги фативме“, им рече Трамп на новинарите.
Полицијата за борба против тероризмот потврди дека петмината се наоѓаат во притвор. Воспоставен е безбедносен кордон од 400 метри околу базата, а специјални единици за деактивирање бомби ги истражуваат запленетите комбиња. Поради безбедност, евакуирани се 85 домови во соседното село, додека вооружени полицајци континуирано патролираат низ областа.
Извори блиски до истрагата наведуваат дека најверојатниот мотив е поврзан со Иран, иако паралелно се разгледуваат и опциите за руска саботажа или исламистички заговор.
Британската влада претходно им даде овластување на САД да ги користат бомбардерите стационирани во Фарфорд за удари врз ирански ракетни позиции. Како одговор на тоа, иранската Револуционерна гарда во јули упати предупредување дека секоја база што се користи за лансирање напади кон нивната територија ќе претставува легитимна мета.
Локална жителка, која ја алармирала полицијата, за „Телеграф“ изјави дека забележала група момчиња кои изгледале како да потекнуваат од Блискиот Исток, како трчаат со маски и фантомки на лицата околу 1:30 часот по полноќ. Локалниот советник Тристан Вилкинсон откри дека пред околу шест недели веќе имало специфична безбедносна закана од Иранците насочена кон оваа база, поради што надзорот бил засилен.
Британскиот премиер Енди Барнам преку мрежата Икс им се заблагодари на полицијата и вооружените сили за брзата реакција, истакнувајќи дека инцидентот предизвикува длабока загриженост.
Поради новонастанатата ситуација, драстично е зголемено нивото на безбедност, со оклопни возила и војници, и во останатите бази во источна Англија кои ги користат американските трупи.
