
Учесниците на 14-тото издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“ имаа исклучително богат викенд исполнет со креативни работилници, филмски проекции и разговори со истакнати автори. Додека јуниорите работат во Кинотеката, сениорите и кадетите во киното „Фросина“ денеска ги финализираат своите идеи и подготовки пред утрешното свечено затворање на кое ќе ги презентираат своите изработени проекти.
Во текот на вчерашниот ден, младите филмофили имаа можност да се сретнат со режисерот Трифун Ситниковски, кој го промовираше својот филм „Шега“, базиран на кратка приказна од Чехов. Ситниковски објасни како дејството од 19-от век го адаптирал во денешно време на железничка станица. Зборувајќи за специфичното снимање кое вклучувало воз што поминувал над главните актери, тој им го даде најважниот совет на идните филмаџии: доколку сакаат да се занимаваат со филм, мора секогаш да се грижат за максимална безбедност на нивната филмска екипа.
Пред џифонци се претстави и аниматорот Гоце Господиновски со проектот „Неми филмови“, нискобуџетно остварување кое веќе освојува награди на светските фестивали за анимација, а за чија реализација биле потребни цели седум години. Големо внимание предизвика и филмот „Кучињата немаат соништа“ на режисерот Ханис Багашов. Заедно со актерот Дениз Рустеми, кој ја толкува главната улога, Багашов одговараше на бројните прашања од средношколците за ова остварување кое е снимено заедно со кинематограферот Фејми Даут.
Денеска во 16 часот во киното „Фросина“, фокусот се префрла на технологијата. Во рамките на програмата Creative You(th) Talks, ќе биде претставен документарниот филм „Кој те создаде“ (Who Made You) на авторката Ирис Харма, кој од хуманистичка перспектива го истражува брзиот развој на вештачката интелигенција. Викендов младите се запознаа и со националните лидерски кампови Glow и YMLP, чија цел е преку искуствено учење и авантура на Пелистер да ги развиваат лидерските вештини кај младите од цела Македонија.



