Македонските граѓани го користат ChatGPT повеќе за муабет и совети отколку за работа [АНАЛИЗА]
Во споредба со другите европски земји, граѓаните на Македонија значително почесто го користат ChatGPT за неформален разговор, лични размислувања и секојдневни проблеми, додека неговата примена за професионални цели е на многу ниско ниво.
Најновото истражување на Институтот Демократика, објавено во септември 2026 година, покажува дека само 18,1 отсто од испратените пораки кон овој систем за вештачка интелигенција (ВИ) се поврзани со работа. Речиси 40 отсто од комуникацијата со алатката се состои од барања за совет, помош при учење или насоки како нешто да се направи.
Според категоризацијата на OpenAI, Македонија е меѓу водечките европски земји каде ChatGPT се користи за поздрави, муабет, врски и игри.
Во јуни оваа година, Македонија била единствената држава во која неформалниот разговор и личното изразување биле почести од директното поставување прашања кон ВИ. За споредба, Македонија е на третото место во Европа според уделот на самоизразување преку платформата, а во балканскиот регион пред неа е само Србија.
Професионалната употреба на ChatGPT во земјава бележи континуиран пад.
Додека во првата половина на 2025 година околу 29 отсто од пораките биле наменети за работа, една година подоцна тој удел паднал под 20 отсто. Помал удел на користење за работни задачи во Европа имаат само Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Македонците поретко од европскиот просек ја користат алатката и за типични задачи како пишување, превод, резимирање и уредување текстови. Побарувачката за практични совети и решенија бележи рапиден раст. Пред една година овие прашања сочинувале помалку од една третина од пораките, додека денес достигнуваат речиси 40 отсто, со што Македонија скокнала од единаесеттото на првото место во Европа во оваа категорија, споредувајќи ги вторите квартали од 2025 и 2026 година.
Од друга страна, граѓаните ретко користат ChatGPT за директно барање фактографски информации, позиционирајќи се на последното место од 36 анализирани европски земји.
Одвоените податоци на Евростат посочуваат дека нешто повеќе од една петтина од населението во Македонија на возраст од 16 до 74 години користи генеративна ВИ. Оваа бројка ја сместува земјата зад Грција, Словенија, Хрватска, Албанија и Бугарија, но пред Босна и Херцеговина, Србија и Романија.
Анализата на Институтот Демократика е изработена врз основа на базата OpenAI Signals v2.0, опфаќајќи примерок од 300.000 пораки месечно во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година.
