АРТВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Тони Михајловски прогласен за лауреат на 18-тиот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

Истакнатиот македонски актер Тони Михајловски е прогласен за годинашен лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“. Признанието за неговиот исклучителен талент, повеќедецениска посветеност и траен придонес во македонската култура му беше врачено денес, на свечена церемонија во големата сала на Општина Крива Паланка.

Градоначалникот Сашко Митовски пред почетокот на свеченоста приреди прием за Михајловски. „Со Вашиот исклучителен талент, незаборавните улоги и повеќедецениската посветеност оставивте траен белег во македонската култура. Чувствувајте се како дома, затоа што ние веќе Ве чувствуваме како свој“, му порача Митовски на лауреатот, додавајќи дека Крива Паланка како „Град на културата“ за 2024 година продолжува со силен интензитет да вложува во уметноста.

Михајловски, чиј творечки пат подолг од три децении е обележан со исклучителна сценска енергија и филмски хитови како „Буре барут“, „Балканкан“, „Парада“ и „Трето полувреме“, во своето обраќање зборуваше за сцената како свето место. Тој упати и силна порака до градоначалникот и општината: „Продолжете да ја градите културата. Посакувам на јубилејното, 20-то издание на фестивалот повторно да дојдам, но тогаш на сцената да ги изговорам зборовите: ‘Нека се крене завесата!’ – во ваша сопствена театарска зграда. Дај Боже!“

Фестивалот „Св. Јоаким Осоговски“ е во организација на истоименото здружение, под покровителство на Општина Крива Паланка и Министерството за култура и туризам.

Back to top button