Познатиот битолски бенд „Фолтин“ ја објави 14-тата епизода од својот музички проект „Re:Composed“. Овој пат, добро познатата композиција „Tango for Three“ добива целосно ново читање и преработка благодарение на соработката со групата „Љубојна“, претворајќи се во новата песна насловена како „Тишина“.
Од „Фолтин“ истакнуваат дека „Љубојна“ ја зела нивната песна и ѝ отворила сосема нов простор со нов текст и нови акорди. Во новата верзија, двата препознатливи вокали и сензибилитети на Вера и Бранко се среќаваат, се преплетуваат и надвикуваат, со што наместо тишина, публиката добива моќна средба и нов живот за старата композиција.
Песната премиерно се емитува на радио мрежата Метрополис, во утринското шоу „Маја за подварок и менопауза“ со Маја Казакова, по што е достапна и на сите дигитални платформи за стриминг (DSP) преку „Filter Label“. По завршувањето на оваа серија на дигитални објави, целиот албум „Re:Composed“ ќе биде издаден и на винил во соработка со „Password Production“.
Визуелниот дел од проектот го потпишува дизајнерот Зоран Кардула, додека за анимацијата е задолжен Гоце Веселиновски.
