ВЕСТИСКОПЈЕ

Град Скопје: Околу 30.000 граѓани учествуваа во големата еко-акција за чисто Скопје

Во организација на Град Скопје, денеска се спроведе масовна еколошка акција за расчистување на јавните површини низ метрополата, во која, според проценките на градските власти, се вклучиле околу 30.000 граѓани.

Како што информираат од Град Скопје, илјадници скопјани, рамо до рамо со градоначалници, претставници на дипломатскиот кор, јавни личности, млади и бројни волонтери, со засукани ракави чистеле паркови, населби и јавни простори низ градот. Целта на оваа масовна иницијатива е подобрување на животната средина и создавање почисти и побезбедни простори за сите жители.

„Околу 30.000 вредни и посветени луѓе денеска покажаа колкава сила има градот кога се обединува околу заедничкото добро“, се вели во официјалното соопштение на Град Скопје.

Од градската администрација потенцираат дека ваквите активности нема да бидат инцидентни. Тие најавуваат дека планираат организирање на слични акции двапати месечно, со цел грижата за животната средина да прерасне во трајна навика. Истовремено, градските власти упатија силен апел до сите граѓани да го почитуваат вложениот труд и активно да придонесуваат кон зачувување на хигиената.

„Чистиот град започнува од нас – од грижата за сопствената улица, парк и маало. Денешната акција покажа дека кога граѓаните се обединуваат, може да се направи значаен чекор за почисто и поубаво Скопје“, порачуваат од Градот, упатувајќи благодарност до сите учесници кои дадоа свој придонес кон заедничкиот градски простор.

Back to top button