ВЕСТИХРОНИКА

Сузбиена 21-члена криминална група од Прилеп и Скопје за трговија со дрога и перење пари

Дваесет лица од Прилеп и едно од Скопје заработија кривични пријави откако полицијата во голема координирана акција разби организирана криминална група која подолг период се занимавала со продажба на дрога и перење пари. Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека по повеќемесечна истрага е пресечен каналот преку кој се дистрибуирал кокаин и марихуана низ повеќе македонски градови, при што осомничените пуштиле во легалниот платен промет речиси 145.000 евра стекнати од криминалот.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК), во координација со Управата за финансиско разузнавање и Одделот за специјални полициски операции, ја спровел акцијата на 30 септември по судски наредби.

Како што соопштуваат од МВР, извршени се претреси кај 31 лице на вкупно 36 локации (33 во Прилеп, две во Скопје и една во Струга). Приведени се 20 лица, а при претресите се пронајдени и одземени наркотични средства, гасен пиштол, муниција, голема сума на девизи и денари, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метални дробилки и ваги.

Според истрагата, во периодот од февруари до октомври 2026 година, лицата Н.В. (38) и М.С. (29) од Прилеп создале две одделни, но поврзани мрежи на препродавачи на дрога. Н.В. ја набавувал дрогата од Струга, Дебар и Албанија, додека М.С. од Дебар и Гостивар. Двајцата ја складирале дрогата на безбедни локации во Скопје и Прилеп, по што преку широка мрежа на дилери ја продавале на купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје. Марихуаната се продавала по цена од 500 до 800 денари за грам, додека кокаинот чинел меѓу 4.000 и 6.000 денари за грам.

Парите од продажбата на дрогата завршувале кај организаторите Н.В. и М.С., кои ги наградувале дилерите, а подоцна средствата се користеле за купување на движен и недвижен имот. Во периодот од 2025 до 2026 година, дел од групата, вклучително и лицето Т.Д. (75) од Скопје, со цел да го прикријат потеклото на парите, пуштиле во легалниот платен промет вкупен износ од 4.990.270 денари и 64.670 евра. Еден од осомничените, Б.И. (62), веќе се наоѓа во притвор во Франција за кривични дела поврзани со дрога.

Кривичните пријави се поднесени за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Back to top button