
Македонската книжевност и годинава ќе биде дел од престижниот светски Саем на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржи од 7 до 11 октомври. Како што информираат од Министерството за култура и туризам, државата ќе биде застапена преку Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) која ќе настапи со сопствен национален штанд.
Во фокусот на овогодишното претставување ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца. Целта на учеството, посочуваат од Министерството, е промоција на домашните писатели и отворање нови можности за превод и објавување на македонски автори во странство.
За таа цел, МАИ ќе го продолжи концептот насловен „Читај во 7/8“, преку кој македонската книжевност се презентира пред меѓународната публика како литература со сопствен, препознатлив ритам и автентичен глас.
Покрај литературните дела, на франкфуртскиот саем ќе бидат промовирани и можностите за финансиска поддршка наменети за странските издавачи. Тие ќе бидат информирани за актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам преку кој можат да добијат средства за превод на дела од македонски автори.
Националното претставување на македонската книжевност во Франкфурт се реализира со финансиска поддршка од ресорното министерство.
