ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАРЕПУБЛИКА
Во тренд

Годишнина од атентатот врз Киро Глигоров: Настанот пред хотел Бристол што ја потресе Македонија

На денешен ден, пред 31 година, независна Македонија го доживеа еден од најцрните моменти во својата понова историја. На 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот наутро, беше извршен атентат врз првиот претседател на државата, Киро Глигоров.

Нападот се случи на улицата „Македонија“, во строгиот центар на Скопје, веднаш пред некогашниот хотел „Бристол“. Во моментот кога службеното возило на претседателот се движеше кон Собранието, експлодираше автомобил-бомба паркирана во близина, активирана со далечински управувач.

Во силната експлозија на самото место загина возачот на претседателот, Александар Спировски. Неколку дена подоцна, на клиниките во Скопје од здобиените тешки повреди почина и случајниот минувач Христо Христов.

Претседателот Киро Глигоров го преживеа атентатот, но се здоби со тешки повреди на главата, поради што го загуби едното око и помина низ долг процес на опоравување. При нападот потешко повредени беа и неговиот телохранител Илчо Теовски, како и уште неколкумина случајни минувачи.

Иако поминаа повеќе од три децении, овој случај останува една од најголемите мистерии во македонската историја. И покрај долгогодишните истраги и опсежните полициски акции веднаш по настанот, извршителите и нарачателите на атентатот до ден-денес не се расветлени, а случајот останува отворена рана во македонскиот правен систем.

Back to top button