
Отворениот судир во редовите на опозицискиот СДСМ добива драматични размери. Откако група незадоволни партиски функционери иницираа промени во партијата преку таканаречената „Платформа 12.05“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, возврати со критики и изрази отворен сомнеж за постапките на своите сопартијци. Сомнежите на Филипче предизвикаа реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која го повика Јавното обвинителство итно да отвори истрага.
Филипче кон Петровска и незадоволните: „Ќе ве згазам како шлепер жаба“
Во одговор на новинарско прашање, претседателот на СДСМ ги доведе во прашање мотивите на пратеничката и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, за нејзините критики кон актуелното раководство. Филипче го поврза нејзиното однесување со сомнежите околу набавката на воени хеликоптери во време на претходната влада.
„За пратеничката Славјанка Петровска, се прашувам што е причина за ова. Да не е изјавата на Мисајловски дека потпишала за 37 милиони евра поскап договор за хеликоптери, од кога Комисијата донела друга одлука? Да не излезе дека Дејвид Гета може вода да ѝ носи. И сега тие луѓе кажуваат што и како требало“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ упати критики и кон останатите иницијатори на промените, Игор Ивановски и Андреј Петров, велејќи дека токму тие речиси ја „погребале партијата“. Тој ги прозва за нивниот молк за време на усвојувањето на Францускиот предлог, за потпишување петиции за лица од „црната листа“, како и за земање високи хонорари од управни одбори во минатото.
Филипче порача дека раководството веќе две години работи на консолидација и на откривање на скандалите на новата власт, додека оваа мала група поранешни функционери се обидува да држи лекции. Тој им порача на незадоволните членови доколку сакаат вистински да помогнат, да се вклучат во претстојните избори во Брвеница.
„Ако не, нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги згазам како шлепер жаба“, рече Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителството да го повика Филипче
Ваквата изјава на првиот човек на СДСМ беше пречекана од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Бране Петрушевски на прес-конференција го повика Јавното обвинителство веднаш да постапи.
„Внимавајте, ни помалку, ни повеќе Филипче сега открива дека постои сомнеж за криминал тежок 37 милиони евра за пратеничка од СДС. Јавното обвинителство, без исклучок, мора да постапи, односно да отвори предмет за овој сомнеж, а Филипче да биде повикан од обвинител да ги презентира информациите врз кои го основа сомнежот“, изјави Петрушевски.
Од владејачката партија го прашуваат Филипче од кога знае за овие информации и зошто досега молчел, повикувајќи го да пријави и други слични случаи доколку има сомнежи за нив во неговите редови.
