ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕСПОРТ

Посебен сообраќаен режим во Скопје поради 22. Скопски маратон

Дел од улиците и булеварите во Скопје денеска од 6:00 до 14:00 часот ќе бидат затворени за сообраќај поради одржувањето на 22. издание на „Виз Ер Скопскиот маратон“, при што возилата ќе се пренасочуваат по алтернативни сообраќајници, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) и организаторите на настанот.

Сообраќајниот режим го опфаќа потегот од Рекорд, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, продолжувајќи по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ до реонот на Хром. Затворени ќе бидат и делови од улицата „11 Октомври“ на потегот од Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“ до делот кај Американ колеџ.

Во општина Аеродром, со посебниот режим ќе бидат опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, сè до раскрсницата со булеварот „Србија“. На овие сообраќајници, конкретното пренасочување на возилата кон алтернативни правци ќе се врши во зависност од движењето на тркачите.

Од МВР апелираат до возачите да го избегнуваат движењето по овие траси во наведениот период и строго да ги почитуваат наредбите и насоките на униформираните полициски службеници на терен. Истовремено, организаторите на маратонот ги замолуваат граѓаните за разбирање поради привремениот сообраќаен режим и повикуваат на навремено планирање на движењето низ главниот град.

Back to top button