Поранешниот шеф на германската разузнавачка служба (БНД), Август Ханинг, е уапсен под сомнение за обид за велепредавство, откако наводно наплаќал за пристап до тајни документи кои ги користел за да подготви анализа за странска шпионска агенција, пренесува Ројтерс.
Според сојузните обвинители, Ханинг е осомничен за предавничка шпионажа и прибавување државни тајни. Пет години по завршувањето на неговиот мандат на чело на БНД во 2005 година, тој наводно склучил договор со поранешен менаџер во службата, идентификуван како Манфред Д., за да добива доверливи информации во замена за пари.
Манфред Д., кој исто така е уапсен, се сомничи дека низ годините испорачал околу 2.000 документи. Меѓу нив имало и класифицирани материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба во БНД, како и брифинзи од највисоко ниво наменети за канцеларството. Обвинителите тврдат дека Ханинг ги користел овие податоци за анализа наменета за офицер на странска разузнавачка служба, со кого со години споделувал и политички информации.
Идентитетот на странската служба засега не се открива, иако според информациите на весникот „Зидојче цајтунг“, случајот не е поврзан со Русија. Двојцата уапсени се очекува да бидат изведена пред судија во Сојузниот суд на правдата.
Актуелниот претседател на БНД, Мартин Јегер, изјави дека агенцијата веднаш покренала опсежни внатрешни истраги штом се појавиле сомнежите, нагласувајќи дека „не може да има компромиси за внатрешната безбедност“.
Апсењето на Ханинг е најновото во низата историски шпионски скандали во Германија, кои се провлекуваат уште од оставката на канцеларот Вили Бранд во 1974 година поради источногермански шпион во неговиот кабинет, па сè до неодамнешниот случај во 2024 година, кога поранешниот шеф на домашното разузнавање, Ханс-Георг Масен, објави дека е под надзор поради наводен десничарски екстремизам.
