ВЕСТИИМПУЛССПОРТ
Во тренд

Ѓоковиќ со седма титула во Пекинг: Де Минор го предаде финалето поради повреда

Новак Ѓоковиќ ја освои седмата титула на турнирот во Пекинг, откако австралискиот тенисер Алекс де Минор поради повреда го предаде финалето на почетокот од вториот сет. За 39-годишниот српски тенисер ова е 102. титула во кариерата.

Ѓоковиќ го доби израмнетиот прв сет со 7:6, освојувајќи го тајбрејкот со 7:3. Де Минор го освои првиот гем во вториот сет, но потоа не можеше да продолжи. Финалето заврши при резултат 7:6 (7:3), 0:1.

Австралиецот побара медицинска помош по завршувањето на првиот сет и се врати на теренот со бандажа на левиот бут. Иако се обиде да го продолжи натпреварот, по само еден гем го предаде мечот. Медицинска помош меѓу двата сета доби и Ѓоковиќ, кој остана на теренот и го чекаше враќањето на противникот.

Со овој трофеј Ѓоковиќ ја продолжи својата непобедливост во кинеската престолнина. Неговиот биланс во Пекинг сега изнесува 34 победи без пораз, а седмата титула ја освои при враќањето на турнирот по пауза од 11 години. Шпанскиот спортски весник „Ас“ наведува дека Ѓоковиќ со ова стигна до 21 последователна сезона со најмалку една освоена титула.

Трофејот во Пекинг е негов прв во сезоната 2026. Во јануари играше во финалето на Австралија опен, каде што загуби од Карлос Алкараз. Според УОЛ, победата во Кина ќе го врати Ѓоковиќ меѓу десетте најдобри тенисери, на осмото место на светската ранг-листа.

Back to top button