ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Работничките права не се трошок за кратење: Мрежата за заштита од дискриминација против предлогот на Комората

Индивидуалното договарање за неработните денови меѓу работникот и работодавачот лесно може да се претвори во притисок за откажување од основните работнички права. Со вакво предупредување излезе Мрежата за заштита од дискриминација по иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови на 13 годишно и укинување на праксата неделните празници да се префрлаат во понеделник.

Од Мрежата потенцираат дека работничките права мора да бидат цврсто заштитени со закон и колективни договори, а нивното користење не смее да зависи од волјата на работодавачот или од преговарачката моќ на поединецот. Според нив, најизложени на ризик се токму работниците со ниски примања и несигурни вработувања.

„Ниту работодавачите ниту Стопанската комора треба да проценуваат кој е ‘доволно верник’ за да користи празник. Работниците не треба да ги оправдуваат своите уверувања, ниту да објаснуваат како го поминуваат слободното време и каде ги трошат заработените пари“, се наведува во реакцијата. Се бара од Владата да ги заштити постојните права и да не прифаќа префрлање на законските гаранции во индивидуално договарање или укинување на преносот на празникот од недела во понеделник.

Поголема продуктивност се гради преку инвестиции, подобра организација, безбедни услови и достоинствени плати, а не преку кратење на одморот, децидни се од Мрежата. Тие нагласуваат дека работниците не смеат повторно да ја плаќаат цената на економските проблеми.

Стопанската комора бара помалку неработни денови, ССМ возврати: Не ги кратете правата на работниците

Предлогот на Стопанската комора за измени на Законот за празниците, кој бизнис-секторот го правда со потребата за поголема продуктивност и економска активност, претходно веќе наиде на отпор. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, отворено се спротивстави на иницијативата, оценувајќи дека ваквите барања на компаниите претставуваат директен удар врз правата на работниците.

Back to top button