ВЕСТИМАГАЗИНТРЕНД
Во тренд

Skydance ги презеде Paramount и Warner Bros: Официјализирано историското спојување од 110 милијарди долари

Вработените во Warner Bros. беа пречекани со ново лого на нивните компјутери, со што беше означена промената на раководството. Логото на кое со големи букви пишува SKYDANCE беше додадено и под познатата водокула на студиото во Бурбенк, Калифорнија, како и во канцелариите во Њујорк, со што официјално се финализираше спојувањето на холивудските гиганти Paramount и Warner Bros. вредно 110 милијарди долари, пренесува NBC News.

Извршниот директор Дејвид Елисон и новиот коизвршен директор Инон Креиз испратија меморандум до вработените насловен „Ден 1“, во кој истакнаа дека започнува нова ера во забавата, но и најавија веројатни отпуштања како дел од процесот на интеграција. Спојувањето обединува две историски филмски студија (Paramount и Warner Bros.), две стриминг платформи (Paramount+ и HBO Max) и две новински организации (CBS News и CNN) под водство на 43-годишниот Елисон, кој е финансиски поддржан од богатството на неговиот татко и шеф на компанијата Oracle, Лери Елисон.

Процесот на спојување беше привремено задржан поради тужба предводена од јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, но беше постигнат договор на 21 септември. Со спогодбата се бара новата комбинирана компанија да издава 30 филмови годишно во првите две години, а потоа по 32 филма во следните три години, како и да воспостави независни уредувачки одбори за CNN и CBS News. Врховниот суд во понеделникот го одби итното барање од група поединци за блокирање на спојувањето, по што актерот Марк Рафало, кој е противник на оваа корпоративна консолидација, најави дека ќе продолжи да се бори против одлуката.

Веќе се направени сериозни промени во раководните структури на новата компанија. Кејси Блојс од HBO ќе ги води комбинираните стриминг операции, додека Синди Холанд од Paramount заминува од својата позиција. Филмската дивизија ќе ја водат Дејна Голдберг и Џош Гринстајн, откако досегашните шефови на Warner, Мајк Де Лука и Пам Абди, си заминаа. Марк Томпсон останува претседател и главен уредник на CNN, додека Бари Вајс продолжува да ја води CBS News. Во управниот одбор на Skydance, покрај Елисон и Креиз, влегуваат и Лорен Пауел Џобс и основачот на Activision, Боби Котик. По официјализирањето на договорот за кој позитивно се изјасни и Доналд Трамп, акциите на Skydance забележаа благ пад од 2,5 отсто на 9,53 долари по акција.

Back to top button