Почнува есенскиот базар „Обоена есен, рачно создадена“ со дела на 26 современи ракотворци

Новата генерација домашни креативци и ракотворци ќе биде во фокусот на претстојниот Есенски базар „Обоена есен, рачно создадена“, што ќе се одржи од 16 до 18 октомври на приземјето на трговскиот центар Скопје Сити Мол, соопштија организаторите.
Во рамките на тридневниот настан, посетителите ќе имаат прилика да се запознаат со творештвото на 26 домашни брендови и автори кои произведуваат уникатни предмети во мали серии. Манифестацијата ја става рачната изработка во современ контекст – како спој на автентичен визуелен стил, прецизност и авторска приказна која се разликува од сериското производство.
На базарот својата работа ќе ја претстават Светник, БУВ – раскажува приказна за дрвото, PURE BEAUTY by Emma, Forest Stories, SIRA Leather, Solar Creations, Zen.Zeal, Epoxy Handmade by Clay, Филигран од срма Софија, Crochet by Frosi, Игнеа козметика, Декупаж катче, Монкдолс, Јуник Корнер, Добро ми стои, Filigree LARGO, Еко восочни обвивки, Marcy_s_handmade, Шарено ќоше, Julie Decoupage, Ignis Creative, Витрум Студио, Custom Cakes by B, Јордан WoodWorkers, Тилиа органика и уметничкото студио Фантаст.
Понудата опфаќа широк спектар на рачно изработени производи, меѓу кои современ филигран, накит од епоксидна смола и полимерна глина, рачно сликана керамика, како и предмети од кожа, дрво и природни материјали. Изложбениот простор ќе биде надополнет со природна и органска козметика, декоративни свеќи, уметнички слики, декупаж техники и детски рачни изработки.
Организаторите истакнуваат дека целта на овој тематски настан е континуирана поддршка на локалната креативна сцена, овозможувајќи им на независните ракотворци директен пристап до пошироката јавност и збогатување на градската културно-продажна понуда.
