
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и министерката за култура на Грција, Лина Мендони, ја посетија црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново за да направат увид во завршената конзервација на вредниот фрескоживопис. Како што соопштуваат од Министерството, присуството на грчката министерка има особено значење и претставува потврда за успешната соработка меѓу институциите од двете земји во областа на заштитата на културното наследство.
Конзерваторските активности се реализирани со заедничка работа на експерти од Националната установа Завод и музеј – Битола и стручна поддршка од грчки експерти, ангажирани врз основа на Меморандумот за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици. За време на посетата, на министерката Мендони ѝ биле презентирани исклучителните вредности на оваа црква, како и потенцијалот на културното и природното наследство на Преспанскиот Регион за дополнително поврзување на двете држави.
Министерот Сулејмани нагласи дека обновениот фрескоживопис во Курбиново е конкретен резултат од размената на знаења, искуства и експертиза меѓу македонските и грчките стручни лица. Тој го оцени присуството на Мендони како доказ за посветеноста кон натамошно унапредување на билатералната соработка во културата. Црквата „Св. Ѓорѓи“ е еден од најзначајните споменици на средновековното наследство и непроценливо сведоштво на византиската уметност од 12 век на овие простори.
