
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека смета оти „е време Украина да добие нов претседател“, реагирајќи на острите критики од украинскиот лидер Володимир Зеленски во врска со договорот што Вашингтон го постигна со Москва за увоз на руски дизел, објави Би-Би-Си.
Обраќајќи им се на новинарите пред Белата куќа, Трамп го обвини Зеленски дека „сака да му создаде проблеми на светот“ со тоа што продолжува да одобрува напади врз руските рафинерии за нафта, порачувајќи дека украинскиот претседател мора веднаш да престане со таквите акции.
Американскиот претседател наведе дека на Украина ѝ е потребен нов лидер кој е способен да постигне договор, додавајќи дека Зеленски имал повеќе прилики да склучи мировен договор, но никогаш не го сторил тоа.
Реакцијата на Трамп уследи откако Зеленски претходно го осуди американско-рускиот договор како директен подарок за рускиот претседател Владимир Путин. Украинскиот претседател предупреди дека укинувањето на санкциите за извоз на милиони тони руски дизел ќе ѝ овозможи на Москва свеж финансиски прилив за набавка на воена опрема и продолжување на војната против Украина. Тој исто така ја обвини Москва дека договорот го сфатила како зелено светло за продолжување на бомбардирањата врз градовите, посочувајќи ги новите смртоносни напади врз Запорожје.
Договорот со Москва, што Трамп го потврди во петокот, предвидува суспендирање на санкциите за извоз на руски дизел до 7 април, со цел да се намалат драстично зголемените цени на горивата на американскиот и светскиот пазар.
Како што објави Трамп на платформата „Truth Social“, договорот предвидува Русија првично да испорача 300.000 тони дизел, а потоа дополнителни 500.000 тони во ноември, пред испораките да се зголемат на вкупно неколку милиони тони во зависност од состојбата на руските рафинерии.
Потегот на Вашингтон наиде на остри реакции и меѓу европските сојузници, при што високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека олеснувањето на санкциите му обезбедува приходи на Кремљ за водење на војната, порачувајќи дека Европа нема да го намали притисокот врз Русија.
Од кабинетот на британскиот премиер соопштија дека во телефонски разговор со Зеленски била изразена целосна солидарност со Украина, со повик за итен прекин на руските напади врз цивилната и енергетската инфраструктура.
