
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше на бегството на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, оценувајќи дека ваквото постапување на бугарските институции ги подрива напорите за градење доверба и е во спротивност со заложбите за развој на добрососедските односи.
Од Министерството истакнуваат дека приемот на лице против кое се води судска постапка испраќа погрешна порака, нагласувајќи дека националната припадност и двојното државјанство не смеат да послужат како заштита од одговорност. Според МНР, Северна Македонија очекува од Бугарија, како земја членка на Европската Унија, да ги почитува европските принципи кои опфаќаат соработка меѓу институциите и еднаквост пред законот, бидејќи владеењето на правото не смее да биде селективно.
За развојот на овој случај, македонската дипломатија најави дека ќе ги информира меѓународните партнери, со фокус на институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Од МНР посочуваат дека ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат меѓусебната доверба меѓу двете држави, порачувајќи дека почитувањето на правдата е основна европска обврска, а не прашање на политички избор.
