
Националниот џез оркестар ќе одржи слушачка промоција на винил и CD изданијата на својот прв албум насловен „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Настанот ќе се одржи в среда, на 14 октомври, со почеток во 20:00 часот, во просториите на „Кафе Литература“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје.
Во рамки на промоцијата е предвидено целосно преслушување на албумот и претставување на неговите физички изданија пред јавноста. Дебитантскиот албум „Македонски сновиденија“ претставува фузија на македонскиот фолклор и современиот џез, содржејќи нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од домашната музичка традиција.
Музичкиот проект е реализиран под диригентската палка на Владимир Николов, додека аудиомиксот и мастерингот се изработени од Ангел Ќосев.
