ВЕСТИКОСМОС

Роверот на НАСА собори историски рекорд: Помина 45,2 километри на Марс

Роботскиот ровер „Персевиренс“ на НАСА помина поголемо растојание од кое било друго возило на површината на кој било друг свет освен Земјата, достигнувајќи вкупно 45,2 километри откако пристигна на Марс во 2021 година, објави американската вселенска агенција, пренесува британската новинска агенција Ројтерс.

Шесттркалното возило, со големина на просечен автомобил, го достигна овој историски јубилеј на пет и пол години од почетокот на својата мисија, чија главна цел е да истражи дали некогаш постоеле услови за микробиолошки живот на Црвената планета. Со овој потфат, „Персевиренс“ го надмина претходниот рекорд од 45 километри што го постави роверот „Опортјунити“ во периодот од 2004 до 2018 година, а истовремено зад себе ги остави и растојанијата поминати од сите досегашни лунарни возила. Менаџерот на проектот од Лабораторијата за млазен погон на НАСА, Стивен Ли, истакна дека инженерскиот хардвер и инструментите се во одлична состојба и, според последните проценки, тие ќе можат да функционираат длабоко во 2030-тите години.

Истражувањата на роверот се фокусирани на кратерот Језеро, регион во северната хемисфера на Марс за кој научниците веруваат дека пред неколку милијарди години бил поплавен со вода и претставувал езерски слив. Според податоците од НАСА, клучна улога во досегашниот успех на мисијата има системот за автономна навигација „AutoNav“, благодарение на кој дури 90 отсто од возењето се одвива самостојно, без никаква човечка интервенција. За разлика од претходните ровери кои мораа да паузираат за да „размислат“ пред секое придвижување, напредните компјутерски процесори му овозможуваат на „Персевиренс“ речиси континуирано да процесира слики, да создава 3Д-мапи и да ја избира најбезбедната патека кон целта.

Најголемото досегашно достигнување на роверот, според наводите на експертите од НАСА, е минатогодишното откритие на потенцијален биопотпис во карпи стари меѓу 3,2 и 3,8 милијарди години, што би можело да претставува знак за постоење на древен микробиолошки живот во речните канали на некогашното езеро. Првичниот план на мисијата предвидуваше роверот да помине само 20 километри, но по неодамнешното одобрување за продолжување на истражувањата до крајот на 2028 година и благодарение на стабилниот плутониумски систем за напојување, НАСА планира да го тестира возилото за растојанија од над 100 километри.

Back to top button