ВЕСТИПОЛИТИКА

Спасовски до Хоџа: До каде е регионалната депонија и кој ќе одговара за ископот на песок во кумановскиот регион?

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати две прашања до министерот за заштита на животната средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, кои се однесуваат на доцнењето на изградбата на регионалната санитарна депонија за Североисточниот плански регион и проблемите со ископот на песок во кумановското село Шупли Камен.

​Во однос на депонијата „Краста“, Спасовски посочи дека долгогодишното отсуство на соодветно санитарно решение предизвикува повторливи пожари, загадување на воздухот и загрозување на здравјето на локалното население, особено на жителите од населените места Пчиња, Студена Бара, Вакав и Винце. Тој упати критики до градоначалникот на Куманово за, како што рече, префрлање на одговорноста, и побара од министерот конкретен одговор до каде е тендерската постапка и кога ќе започне изградбата на новата регионалната депонија и санацијата на постојната.

​Второто прашање се однесуваше на ископот на песок и уредувањето на речното корито во Шупли Камен, при што Спасовски пренесе дека локалното население предупредува на пресушени бунари и нарушување на природниот тек на реката поради овие активности. Пратеникот побара информации дали надлежниот инспекторат извршил увид, какви се наодите и дали активностите се спроведуваат во согласност со стандардите за заштита на животната средина, нагласувајќи ја потребата институциите навремено да постапуваат, наместо проблемите да се решаваат по реакции и протести на граѓаните.

Back to top button