Кривична пријава против Костадин Костадинов за нелегална легализација на објект
Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица за нелегална легализација во Куклиш во 2022 година

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Струмица К.К. (36), поранешната раководителка на Секторот за урбанизам С.Р. (38) и управителот на фирма од Битола Ј.П. (60), поради сомневања за злоупотреби при легализација на дивоградба извршени во текот на 2022 година. Поранешниот градоначалник и општинската службеничка се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, додека бизнисменот е пријавен за фалсификување исправа.
Според соопштението на полицијата, пријавените функционери во 2022 година овозможиле правно лице да легализира бесправно изграден деловен простор од 161 квадратен метар на државна парцела во село Куклиш. Постапката била спроведена откако раководителката на урбанизам побарала од третопријавениот да изработи елаборат и технички извештај со невистинита содржина дека на локацијата нема објекти, со што претходно запишаните објекти во сопственост на Општина Струмица биле избришани заради обезбедување чист имотен лист. Потоа, поранешниот градоначалник потпишал решение за легализација, со што на лице од Куклиш му било овозможено противправно да откупи и запише на свое име државно градежно земјиште со вкупна површина од 866,46 квадратни метри.
Од МВР наведуваат дека при донесувањето на решението во 2022 година, пријавените свесно ги занемариле претходните судски одлуки за истиот имот. Вишиот управен суд уште во 2016 година донел пресуда со која го одбил барањето за легализација бидејќи земјиштето и објектите биле сопственост на Општината, а во 2019 година со нова пресуда потврдил дека објектот е изграден без одобрение, по што градежен инспектор издал и извршно решение за негово уривање. Наспроти правосилните пресуди и налогот за отстранување на градбата, со постапките во 2022 година на физичкото лице му била овозможена противправна корист, а на Општина Струмица и на државата им била нанесена директна штета.
