Речиси 22 отсто од граѓаните и 30 отсто од децата во Македонија живеат во сиромаштија, МППС со отворено писмо до Владата
Македонската платформа против сиромаштијата упати отворено писмо до Владата предупредувајќи дека 30 отсто од децата живеат во сиромаштија и побара итни мерки. и побара итни мерки.
Речиси 22 отсто од граѓаните во државата живеат под линијата на сиромаштија, додека 29,5 отсто од децата растат во сиромашни услови, предупреди граѓанскиот сектор по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, барајќи итно носење сеопфатна национална стратегија за заштита на најранливите, се наведува во отвореното писмо до Владата испратено од Македонската платформа против сиромаштија (МППС) и десетици други здруженија.
Податоците покажуваат дека дури 38 отсто од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по нивното здравје, учење и развој. Истовремено, само 19 отсто од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, за разлика од 88 отсто во Европската Унија. Недостигот од услуги за грижа најмногу ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 отсто од неплатената домашна работа и грижата за немоќните, што директно ја ограничува нивната економска независност и остава повеќе од половина од нив неактивни на пазарот на труд.
Организациите алармираат дека сиромаштијата останува системска реалност поради институционалниот вакуум и недостигот на државна стратегија уште од 2020 година, како и поради постојаното префрлање на одговорноста меѓу централната и локалната власт. Тие бараат од Владата итно спроведување на Европската гаранција за децата и универзален детски додаток, развој на социјални услуги за ранливите категории и стари лица, вклучување на домувањето како човеково право во политиките, како и усвојување мерки кои ќе ги намалат плаќањата од џеб во здравството. Според нивните барања, неопходно е државата да престане со парцијални мерки кои го газат човековото достоинство и да донесе стратешки документ со издвоен буџет, по примерот на европската цел за целосно искоренување на сиромаштијата до 2050 година.
Намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука и не смее да се третира како личен неуспех или случајност, туку како системски проблем што мора да се реши, порачуваат потписниците на писмото, меѓу кои покрај МППС се и Родовата платформа, Коалиција Маргини, Националниот младински совет и бројни други организации. Тие нагласуваат дека новата стратегија мора да се донесе инклузивно и транспарентно, со цел да се стави крај на пренесувањето на сиромаштијата низ целиот животен век на граѓаните.







